Најактивниот вулкан во Индонезија проработи: Се исфрлаат облаци пепел и „река“ на лава поголема од километар

 Најактивниот вулкан во Индонезија проработи: Се исфрлаат облаци пепел и „река“ на лава поголема од километар

Најактивниот вулкан во Индонезија, Мерапи на островот Јава денеска повторно започна да исфрла облаци врела пареа и вжарена лава која низ падините се спушташе околу 1,500 метри.

„Беше тоа најдолгиот тек на лава на планината Мерапи откако властите во ноември го подигнаа нивото на опасност на овој активен вулкан“, изјави Ханик Хумаида, шефица на Центарот за вулканологија и ублажување на геолошката опасност.

Засега нивото на опасност е на второ ниво и индонезиските власти го советуваат населението да остане на најмалку 5 километри од опасната зона околу кратерот.

Најактивниот индонезиски вулкан се наоѓа на густо населениот остров Јава и во последниот период се забележани повеќе активности во кои вулканот исфрла пепел и лава.

За време на последната голема ерупција на вулканот во 2010-та година загинаа 347 лица и беа евакуирани 20 илјади жители.

Индонезија, архипелаг на кој живеат повеќе од 250 милиони луѓе се наоѓа на работ на таканаречениот „огнен пацифички појас“, подрачје со исклучително силни сеизмички активности и вулкански ерупции на кое моментално има околу 120 активни вулкани.