• 21/09/2020

Напаѓачот кој уби 9 луѓе во Германија се самоубил

 Напаѓачот кој уби 9 луѓе во Германија се самоубил
loading...
Advertisement

Напаѓачот за кој се верува дека убил девет лица во два напада врз наргеле барови во германскиот град Ханау, според германската полиција, бил пронајден мртов во неговиот дом. Мотивот за нападите се уште нејасен.

Полицијата во домот открила уште едно тело, но соопшти дека „нема индикации оти во нападите биле вмешани и други осомничени“.

Полицијата исто така соопшти дека информациите сугерираат оти напаѓачот извршил самоубиство во неговиот дом откако побегнал со автомобил по нападите.

Престрелките доцна во средата биле насочени врз наргеле барови во Ханау, на околу 20 километри од Франкфурт.

Првиот напад се случил во барот „Миднајт“ во центарот на градот околу 10 часот. Сведоци пријавиле дека слушнале десетина истрели.

Напаѓачот избегал од местото на настанот со автомобил, соопшти полицијата.

Потоа се случило второто пукање во „Арена Бар“.

Според извештаите на локалните медиуми, четири лица загинале пред првиот бар и пет пред вториот.

Неколку други биле сериозно повредени.

„Длабоко сум потресен. Не можете да замислите полоша ноќ. Но, ги замолувам сите граѓани да не шпекулираат“, изјави градоначалникот на Ханау, Клаус Камински.

Кан-Лука Фризена, жител на Франкфурт по инцидентот рече: „Исто како во филм. Тоа е како некој да прави шега. Јас сè уште не можам да верувам што се случи. Мислам дека сите мои колеги, тие се како мое семејство, тие сè уште не можат да веруваат во тоа“.

Германија во последниве години е место на неколку екстремистички напади.

Германските власти посебно се загрижени од растечкиот број на екстремно десничарските напади.

Во петокот полицијата уапси 12 членови на една германска екстремна десничарска група за кои се верува дека планирале „шокантни“ големи напади врз џамии, слични на оние извршени во Нов Зеланд во минатата година.

Германско-турската исламска организација Дитиб, која финансира околу 900 џамии во Германија, повика на поголема заштита за муслиманите во земјата, велејќи дека тие „повеќе не се чувствуваат безбедно“ во таа земја.