Неџип излегол да го прослави вработувањето – Кујтим заминал, па се вратил повторно да пука кон него

 Неџип излегол да го прослави вработувањето – Кујтим заминал, па се вратил повторно да пука кон него

Струшко Велешта во црно по загубата на Неџип Вренези, момчето кое што беше убиено во терористичкиот напад во Виена. 20 годишното момче е родено и пораснато во Виена, Австрија, но никогаш не му било тешко да дојде во татковината на одмор. Неџип завршил Воена академија и ден пред напаѓачот да му го одземе животот, добил вест дека е пример на работа.

Ова е неговата куќа во Велешта. Таму ја најдовме тетката на Неџип која низ солзи и болка раскажуваше за нејзиниот внук. Според неа, Неџип излегол во еден локал со другарите за да го прослави вработувањето бидејќи требал да започне нов живот, но како што вели, никој не очекувал дека некој толку брзо ќе го угасне неговиот сон.

„Оваа вест бескрајно ја потресе нашата фамилија. Кога ја слушнавме веста дека момчето е нападнато беше шок за семејството и за нас. Момчето само што заврши воена академија и го примија на работа, излезе да прослави со друштвото, излегол да запали цигара надвор и напаѓачот го погодил, бил на неколку метри, потоа се вратил назад. Бил жив, кога видел дека мрда, се вратил и повторно пукал и тогаш починал“, вели тетката на Неџип.

Со голема болка на душата, тетката на Неџип се чуди како убиецот бил пуштен од затвор.

„Куранот не кажува да убиваш луѓе. Бог вели да ги сакаш луѓето, да бидеш добар со нив, овие се убијци и треба да се казнат. Како се зборуваше низ медиумите, тој бил во затвор. Тука е виновна и државата што го пуштила порано, треба да има безбедност, како може да Албанец да пука во Албанец“, истакнува тетката на Неџип.

Истото го кажува и Гајур Каба, роднина на жртвата. Тој вели дека се шокирани и не можат да се помират со фактот дека Неџип веќе не е жив.

„Веста ни предизвика болка. Нам ни е внук, се роди и израсна во Виена во Австрија со австриско државјанство. Се школуваше, таму служеше војска. Како што слушнавме, излегол со другарите на кафе и додека го пиел кафето некој му пришол од зад грб“, посочи Гајур Каба.

Во нападот во Виена што се случи на 2 ноември, животот го загубија 4 лица и повредени се 20 други. Австриската полиција успеа на лице место да го усмрти Кујтим Фејзули, чии родители се од  тетовско Челопек.

Австриските медиуми пишуваат дека Кујтим Фејзули бил казнет од австриската држава во април 2019 за членство во терористичка организација. Тој бил осуден на 22 месеци затвор откако се обидел преку Турција да замине во Сирија и да учествува во борбите на страната на ИСИС.

Извор: ТВ21