Ништо од најавената изградба на нова болница во Струга
Стружани уште долго ќе чекаат да се лекуваат во нови и современи услови. Изградбата на долго најавувата нова општа болница е далеку од реализација. Министерот за здравство Венко Филипче неодамна при посетата на регионот најави дека во 2020 година, предвидено е да започне проектирањето на новата болница, но никаде не се споменува и почеток на нејзина изградба. Но, прашањето на кој за сега никој нема одговор е што ќе никне на локацијата каде се наоѓа постоечката болница, бидејки станува збор за доста атркативна локација која се наоѓа близу центарот на градот наспроти реката Црни Дрим.
„Сопственик на оваа локација е Министерството за здравство и Република Македонија. За постоечката локација кај што се наоѓа болницата доста муабети се шират, но тоа се кафански муабети меѓу луѓе, дека овој простор ќе се дава на некого или ќе се прави нешто. Со локацијата ќе си менаџира самата држава, а за новата локација е доста атрактивна и не е многу далеку од градот и три пати е поголема од постоечката“-изјави Мухамед Асани, директор на општа болница Струга-
Министерот Филипче пак вели дека тоа е прашање кое не зависи од нив и оти тие биле фокусирани на изградба на новата болница. Од опозoциските партии во Струга не веруваат дека градот во блиска иднина ќе добие нова болница. Од Алијанса на Албанците велат дека иако гласале за одредување на локација за изградба, сепак се скептични дека проектот ќе се реализира.
„Mислам дека ова се ветувања само на хартија. Не се гледа дека сериозност во однос на новата болница. Ние гласавме во советот за локација за болницата, под услов дека мора да се дислоцира депонијата, затоа што е предвидена да се гради во нејзина близина. Без дислокација на депонијата не смее да има болница“-рече Имер Имери, Алијанса на Албанците.
Она што за сега само се знае е дека болницата е предвидено да се гради на локација од левата страна на патот кој води кон граничниот премин Ќафасан. Локацијата е со големина од 27.000 квадратни метри, за разлика од постоечката која е со големина од околу 10.000 квадрати. Според надлежните, мораториумот за градба согласно препораките на УНЕСКО, ги забавило сите постапки поврзани со болницата. Во меѓувреме било направено административно иземање од тој мораториум и сега целата документација била во Министерството за транспорт и врски, по што планот треба да биде одобрен од страна на општина Струга. Инаку, актуелната власт, нова болница во Струга ветува скоро две години.
Мики Трајковски
Извор: Алсат