Ноќва почнува зимското сметање на времето

Ноќва почнува зимското сметање на времето

По направените анализи Владата одлучи дека зимава, сепак, нема промена во досегашниот систем на сметање на времето, односно, како и секоја година во последната недела од октомври стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад

Вечерва во три часот по полноќ стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, со што официјално ќе започне зимското сметање на времето.

Владата пред неколку седмици го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.

Но, по направените анализи Владата одлучи дека зимава, сепак, нема промена во досегашниот систем на сметање на времето, односно, како и секоја година во последната недела од октомври стрелките на часовникот да се поместат еден час назад.

„Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 до 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија“,

информираа од Владата во вторникот.

Секои шест месеци во земјава, како и во другите земји од континентот граѓаните поминуваат низ ритуалот на поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред (ако станува збор за премин од зимско во летно сметање на времето) и еден час наназад (ако часовникот се враќа на зимско сметање).

Лани во март, кога се менуваше сметањето на времето од зимско во летно, оваа пракса требаше да прекине во земјите членки на Европската Унија, но тоа не се случи.

Дебата за укинување на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија (ЕК) пред четири години. Тогаш во онлајн-анкета дури 83 отсто од жителите на ЕУ се изјаснија дека се „за“ укинување на ваквиот начин на сметање на времето, по што ЕК достави и официјален предлог до Европскиот парламент кој истиот го одбори во 2019 година. Според тоа, укинувањето требаше да се примени од лани при што секоја земја членка требаше да избере кое сметање на времето ќе го задржи. Меѓутоа, во пракса тоа не се случи.

Можеби ке те интересира




This will close in 0 seconds