Нов обид за деблокада – Џафери закажа собраниска седница за утре

 Нов обид за деблокада – Џафери закажа собраниска седница за утре

Собранието в недела ќе ја продолжи расправата по точките од 32 и 36 седница. Собранискиот спикер го закажа продолжението на двете седници, и тоа едната во 14 часот, а другата само 15 минути подоцна, на која на дневен ред се економските мерки за справување со последиците врз бизнисот предвизвикани од здравствената криза поради пандемијата.

Собраниската седница во четвртокот беше прекината во тензична атмосфера, кога Џафери и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со часови се убедуваа која седница да има предност. Џафери инсистираше да ги изгласаат законите од 32-та, па да преминат на следната, бидејќи повеќе закони со месеци се заглавени во собраниска процедура. Тој ги обвини пратениците кои се потпишале дека се присутни во Собранието и врз основа на тоа остваруваат права како патни трошоци, дека се должни да учествуваат во работата на Собранието, а не да чекаат пред врата и да бираат на која седница ќе присуствуваат.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак инсистираа прво да се изгласаат законите од петтиот сет економски мерки. Тие се сомневаа дека власта не сака да се донесат овие мерки,затоа што немало доволно пари во буџетот и одбиваа да прават кворум за другите закони на дневен ред.

>
>