
Нови 12 позитивни лица на Ковид-19 на лет од Скопје до Турку
Уште 12 патници кои пристигнале во Турку со саботниот лет на Визер од Скопје се позитивни на Ковид-19, соопштија финските власти. Во авионот имало вкупно 115 патници од кои 95 проценти биле тестирани и за сите се издадени писмени наредби за домашен карантин што ќе го надгледуваат локалните власти.
Ова е трет по ред лет на релација Скопје – Турку во кој се откриени позитивни патници на Ковид-19. Со првиот лет на 8 август, по доброволно тестирање на сите кои пристигнаа од Скопје, беа позитивни 26 лица, а на вториот, на 11 август, уште пет. Во трите лета досега се регистрирани вкупно 42 случаја на коронавирус. Најголем дел од патниците во трите лета биле со косовски и фински пасоши.
Финските власти не соопштија детали за здравствената состојба на заразените и колку од нив се хоспитализирани, но најавуваат можна промена на режимот на патување со високоризичните земји, меѓу кои ја вклучуваат и Северна Македонија.
Загриженост поради зголемниот број на импортирани случаи на Ковид-19 изрази и градоначалничката на Турку, Мина Арве. Побара да се размисли за воведување на задолжителен негативен тест за сите кои влегуваат во Финска, како и други ограничувања за патниците кои доаѓаат од ризични земји.
Министерката за внатрешни работи Марија Охисало изјави дека владата бара најефикасни начини за спречување на ширењето на коронавирусот. Најави и можна привремена забрана на летовите од земјите со висок ризик од Ковид-19, како и изготвување регистар на држави и нивно групирање во црвена, зелена и жолта зона.
Оние што пристигнуваат од црвените зони ќе бидат задолжително тестирани и ставени во карантин, а за патниците од жолтите области, ќе има само карантин. Во зелената група се земји кои во период од две недели имаат помалку од осум инфицирани на 100.000 жители луѓе и за нив ќе нема ограничувања за влез во Финска.