Обвинителство: 14 загинати во пожарот во Тетово, се испитува дали има уште

 Обвинителство: 14 загинати во пожарот во Тетово, се испитува дали има уште

Јавното обвинителство се огласи со соопштение утрово дека бројката на загинати во пожарот во модуларната болница е 14 лица, и дека се испитува дали има уште починати лица.

„Во соработка со припадници на МВР, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал.

До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.

Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан.“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

>
>