Од 1-ви мај, Србија со ковид пасоши – Брнабиќ: пријавивме и во СЗО

 Од 1-ви мај, Србија со ковид пасоши – Брнабиќ: пријавивме и во СЗО

Србија од 1-ви мај на сите нејзини вакцинирани граѓани против Ковид 19 ќе им даде дигитални сертификати за ковид. Премиерката Ана Брнабиќ рече дека сертификатот го пријавиле и во СЗО а се надева дека ова ќе им овозможи на граѓаните на Србија слободно движење без потреба од пцр тест.

„Од сабота, Република Србија за сите нејзини граѓани кои се вакцинирале и ревакцинирале ќе добијат дигитален ковид сертификат. Ние работевме на тоа и го пријавивме нашиот сертификат и во СЗО и со голем број разни земји, како што се Израел и Унгарија, и мислам дека тие се подготвени да ги признаат овие сертификати“, истакна премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Во меѓувреме вчера Европскиот парламент ја усвои преговарачката рамка за здравствени пасоши. Овие пасоши ќе овозможат непречено движење меѓу државите на ЕУ. Документот ќе се вика ЕУ Ковид 19 сертификат и ќе важи 12 месеци, а истиот ќе биде потврда за тоа дали лицето е вакцинирано, дали има негативен тест или го прележало вирусот.
„На почеток, пред летото треба да воведеме сертификат на ниво на ЕУ. Потоа ќе почнеме преговори со трети земји, се разбира со нашите партнери од Западен Балкан да видиме како може да се усогласат документите за признавање на документите за вакцинација, негативен тест и дали лицето го има прележано вирусот“, рече Дидие Рејндерс, еврокомесар за правда.

Преговорите со земјите од Западен Балкан за меѓусебно признавање на таквите сертификати, треба да започнат во јуни, а последниот збор ќе го има Европскиот совет. Во меѓувреме Италија, Австрија, Франција, Данска и Велика Британија се само некои од земјите кои воведоа одреден вид ковид сертификат во нивните земји, кои овозможуваат слободно движење на граѓаните во земјата, слободен влез во рестораните, кината и хотелите.

x