Од 25 јуни Германија ќе дозволи влез на патници кои не се од ЕУ, но само со примени две дози вакцина

 Од 25 јуни Германија ќе дозволи влез на патници кои не се од ЕУ, но само со примени две дози вакцина

Од 25 јуни германската влада ќе им дозволи на патниците надвор од ЕУ кои ги примиле двете дози на вакцина против ковид-19 да влезат во државата, објави „Ројтерс“. Влезот ќе биде дозволен најмалку 14 дена од приемот на втората доза од вакцината, но одлуката сепак нема да важи за државите кои се на „црвената листа“.

Дополнителен услов за влез сепак е патниците да се вакцинирани со една од вакцините наведени на веб-страницата на Институтот „Пол Ерлих“ каде во моментов, признати се само оние вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). За сега тоа се вакцините на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „Астра Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“.

Вчера и министерството за здравство на Грција објави дека ги олеснува правилата за влез во земјата за државјаните од земјите од т.н. зелена листа. Како што јави МИА, заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас објавил дека за нив ќе биде дозволен влез со брз тест за ковид наместо со ПЦР, а за децата под 12 години, нема да биде потребен тест.  За оние од портокаловата и од црвената листа, правилата остануваат непроменети, односно задолжителен е тест за сите со наполнети шест години.

Пред два дена амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на списокот на епидемиолошки безбедни земји чии граѓани можат да патуваат во ЕУ одлучија да ги додадат Северна Македонија, Србија и Албанија, а наскоро се очекува одлуката и официјално да биде усвоена.

ЕУ дискутира за епидемиолошката состојба во „трети земји“ на секои две недели и го ажурира списокот на оние земји што се сметаат за безбедни за патување. Иако не е законски обврзувачки за државите, одредувањето на земјата за епидемиолошки безбедна зона ја отстранува целосната забрана за патување во ЕУ за нејзините граѓани. Епидемиолошки безбедна состојба се смета за состојба која бележи максимум 75 случаи на инфекција со коронавирус на 100.000 жители во последните 14 дена.

x