
Одговор на реакцијата на ОО на СДСМ, Струга и општина Струга, на соопштението за јавност на ВМРО-ДПМНЕ, ОК-Струга од 21.11.2019 година
Почитувани,
Веќе е очигледно дека во ОО на СДСМ, Струга владее паника и нервоза, штом бурно реагираат на нашите констатации.
Но, непобитен факт е дека неспособноста на СДСМ ги стагнира и бетонира државата и општината на самото дно.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ запраша поради кои причини не се повлечени одобрените финансиски средства за изградба на кружниот тек кај Мислешевски пат, за кои коалицијата на локално ниво, СДСМ-ДУИ, си ги прибира заслугите, а сите добро знаеме дека се работи за предлог- амандман, поднесен од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Господа од коалицијата, не обидувајте се да ги залажувате граѓаните со лажни приказни! Тој амандман беше на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и впрочем, тука се гледа грижата кон граѓаните.
Но, што е уште поважно, каде е вашата грижа за нив? ВМРО-ДПМНЕ поднесе 30 амандмани за Струга, а колку поднесовте вие и вашите пратеници, господа од СДСМ?
Ниеден!
Вие се грижите само за добивање политички поени, со вашите партиски вработувања на неколку месеци пред избори!
Каде бевте изминатите 3 години, каде беа вашите грандиозни проекти?
Дали, вам како на коалиција, СДСМ-ДУИ, приоритет ви се 30 огласи за пополнување со партиски кадри во општина Струга?
Дали вие, господа од СДСМ, сте толку заинтересирани и загрижени за доброто на граѓаните на Струга, што чекате да наближат изборите, па да се пофалите со овој кружен тек кај Мислешевски пат? А, тој, кај Мороишки мост, остана само уште едно лажно ветување, дека ќе се закити со уништениот (од ваша страна) историски споменик на паднатите борци од НОБ?
Дали е грижа тоа што кучињата- скитници се во се поголем број, а во овие зимски денови се уште поагресивни кон граѓаните, но вас тоа не ве засега?!
Мал милион ваши ветувања, но во периодот додека бевте во опозиција и се боревте за власт, а каде се сега вашите исполнувања кога веќе сте на власт?
За жал, граѓаните се само жртви на вашето неспособно владеење.
Страда секој сегмент на државата поради вашата криминогена власт. И општина Струга, а и државата ја уназадивте и вративте со децении наназад.
Стружани немаат време за чекање.
Вашиот пат е трајно искривен и не очекувајте поддршка или пофалби зашто не ги заслуживте!
Токму затоа, доаѓа Обнова на Македонија!
Бидете сигурни дека стружани, на 12 април ќе ја казнат вашата неспособност!
Со почит,
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, ОК-Струга.