
Одложено враќањето на Кинезите кои работат на патот Кичево-Охрид
Кинеските работници кои работат на автопатот Кичево – Охрид и на другите проекти на „Синохидро“ ќе допатуваат подоцна во Македонија, односно за нив е пролонгирана зимската пауза. Оваа кинеска компанија, според договорите, ангажира кинески, но и наши работници.
Ова го објави министерот за здравство Венко Филипче по утринската средба со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо по разговорите за состојбата со коронавирусот во Кина и мерките за претпазливост кои се преземаат.
„На средбата, кинескиот амбасадор Ѕуо ме информираше дека работниците кои работат во кинеската компанија „Синохидро“, а се вработени од Република Кина и кои редовно транзитираат на релација Кина-Северна Македонија имаат препорака да се вратат покасно, а непосредно пред враќањето 14 дена ќе бидат во карантин, по што со најава ќе бидат вратени назад. Со ова, дополнително се активираат мерките на претпазливост од можност за коронавирус во нашата држава“, објави Филипче.
Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) вчера апелираше да се преземат соодветни превентивни мерки за да се спречи евентуална појава на коронавирусот согласно препораките на Светската здравствена организација, со оглед на тоа што има постојано има заминување и доаѓање на кинеските работници од кинеската компанија „Синохидро“ во државава. Од Синдикатот повикуваат да не се лимитира престојот на работниците за работа.
- Како единствен репрезентативен Синдикат на вработените од секторот градежништво и индустрија за градежни материјали сме загрижени за вработените и граѓаните и очекуваме повратна информација за преземените мерки, со цел избегнување на непланирани одложувања и прекини на градежните активности кои се во тек – соопштија од таму.
Извор:faktor.mk