• 26/09/2020

Охридската болница доби современ апарат за дезинфекција на површини и воздух

 Охридската болница доби современ апарат за дезинфекција на површини и воздух
loading...
Advertisement

Охридската Општа болница, денес, доби мобилен апарат УВ Гард, за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, донација од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров, финансиски поддржани од охридскиот хотел „СУ“.

  • Уредот за дезинфекција го изработивме за потребите на Општата болница во Охрид и го донираме со цел зајакнување на условите и заштита на здравствените работници во болницата. Продолжуваме со нашата мисија да изработиме што е можно повеќе уреди за да покриеме што повеќе здравствени установи во земјата. Досега имаме изработено 6 уреди, а во тек е изработката  на уште 8, велат иноваторите Поцков и Глигоров.

Апаратот работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри. Ги уништува микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција. Уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува, а УВ зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини. За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.

  • Голема благодарност до иноваторите и општествено одговорната компанија, хотел „СУ“, кои овозможија меѓу првите да добиеме ваков апарат. Во прво време апаратот ќе биде поставен на инфективното одделение, а потоа и во другите одделенија. Ќе се користи и по завршувањето на пандемијата, изјави директорот на охридската болница д-р Горан Балевски.

Апаратот е мобилен и лесно може да се движи од една во друга просторија. Гардот претставува одлична можност за дезинфекција на места каде што нема електрична инсталација, бидејќи работи на струја и батерии.

Т.К

Извор:Ohridnews