• 23/09/2020

Охридските Википедијци меѓу најдобрите

 Охридските Википедијци меѓу најдобрите
loading...
Advertisement

Од 15 октомври до 15 ноември 2019 година, здружението ГЛАМ Македонија објави уредувачки натпревар за сите членови од Вики клубовите низ државата, на кој повеќе од успешно се претстави охридскиот Вики клуб.

Жири комисијата ги прогласи за победници статиите: Римска армија, Мезозоик и Синагога од улица Дохањ, втора награда освоија статиите: Органска хортикултура, Милан Борјан и Хотел Гелерт, а трета награда: Српска рамонда, Климатски промени и земјоделство и Сомбреро. Во сите конкуренции има наградени од охридскиот Вики клуб, и тоа: Теодора Каланоска – Прва награда за статијата Мезозоик, Андреј Ангелоски – Втора награда за статијата Милан Борјан и Мартин Петковски – Трета награда за статијата Српска рамонда.

Здружение за умножување на слободни содржини ГЛАМ Македонија од Скопје е непрофитно здружение чија главна цел е развој на Википедија на македонски јазик, што е извор на знаење и информации не само за учениците, туку и за секој човек. Еден од проектите е воспоставување и работа на Вики клубови низ Македонија, каде ученици од основните и средните училишта се обучуваат за уредување и создавање статии на Википедија на македонски јазик. Со оваа активност, младите се здобиваат со повеќе предности: учат како да се изразуваат писмено, го утврдуваат знаењето на македонскиот јазик, учат превод од странски јазик, учат медиумска писменост, соработка во група и друго.

Членовите од Вики клуб Охрид, од 11 Септември 2019 година, средбите ги одржуваат и во просториите на Црвен крст – Охрид, секоја среда од 13:30 до 14:30 часот, под раководство на наставник Наташа Неданоска, координатор за образование на ГЛАМ Македонија во Охрид. Клубот, од училишен, сега стана градски. Во него има членови скоро од сите основни и средни училишта во градот.

Во клубот се добредојдени сите ученици од 14 до 18 години кои имаат желба да научат да уредуваат на Википедија на македонски јазик, да ја обогатуваат енциклопедијата со свои статии, да се дружат со останатите Википедијанци како во клубот така и на кампови кои ги организира здружението ГЛАМ Македонија. – порачуваат од Вики клубот Охрид.

Извор:OhridNews