Охридското блиску до просекот во февруари, Преспанското Езеро на алармантно ниско ниво

 Охридското блиску до просекот во февруари, Преспанското Езеро на алармантно ниско ниво

Долгата суша во есенските и зимски месеци неповолно се одрази на хидролошката состојба на двете најголеми природни езера во земјата, Охридското и Преспанското.

Според последните мерења извршени утрово, нивото на Охридското Езеро се наоѓа на 693,34 метри надморска височина (м.н.в.), што е 7 сантиметри помалку од просекот за овој период од годината (693,41 м.н.в.) и 17 повеќе од нултата кота утврдена со Билатералниот договор помеѓу Македонија и Албанија (693,17 м.н.в.).

И додека Охридското Езеро е незначително под просекот за февруари, Преспанското е на алармантно ниско ниво. Според денешните мерења нивото на Преспанското Езеро е на 843,07 м.н.в,, што е за 4,5 метри пониско од минимумот кој изнесува 847,60 м.н.в..

Познато е дека Преспанското Езеро кое се наоѓа на поголема надморска височина е поврзано со Охридското низ планината Галичица, каде научните пронајдоа уште еден подземен воден басен. Овој систем на сврзани садови очигледно не е имун на климатските промени кои силно се одразуваат на хидролоката состојба во Охридско-преспанскиот регион, која во последната деценија е далеку од поволна.

Г.М.

Извор:OhridNews