Оружјето мирува во Нагорно-Карабах

 Оружјето мирува во Нагорно-Карабах

Досега беше прекршуван секој договорен прекин на огнот во оваа последна војна во Нагорно-Карабах. Но, овој пат можеби е постигнат решавачки пробив кон трајно примирје, со посредство на Русија.

Веројатно одлучувачките преговори за прекин на борбите во регионот на Јужен Кавказ беа водени на највисоко ниво. На крајот, премиерот на Ерменија и претседателот на Азербејџан беа во можност да се договорат за прекин на сите воени дејствија во Нагорно-Карабах. „Целосниот“ прекин на огнот беше договорен со посредство на рускиот претседател Владимир Путин, кој го утврди почетокот на примирјето на полноќ по московско време.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече дека по повеќе од еден месец крвопролевање, тој потпишал договор со Азербејџан и со Русија, кој бил „неискажливо болен за него и за ерменскиотнарод“. Русија всушност се смета за заштитничка сила на Ерменија.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и рускиот претседател Владимир Путин

Пашинјан изјави дека по внимателно анализирање на ситуацијата решил да му стави крај на конфликтот. Веднаш во Ерменија се зборуваше за предавство и дојде до протести и безредија во главниот град Ереван. Демонстрантите го обвинија Пашинјан дека е предавник и упаднаа и го опустошија неговиот владин кабинет.

Гневните демонстранти во Еревен го уништија кабинетот на премиерот Пашинјан

Заедничка мировна мисија на Турците и Русите

Според азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, примирјето во Нагорно Карабах заеднички ќе го набљудуваат руски и турски мировници. На руска страна, би биле ангажирани 1960 војници на период од пет години со можност за продолжување за уште пет години. Алиев  не изнесе никакви информации за бројот на турските војници кои би биле ангажирани во мировната мисија.

Претседателите на Азербејџан и на Русија, Илхам Алијев и Владимир Путин

Досега имаше три обиди за прекин на огнот во Нагорно-Карабах. Сите пропаднаа. Ова, меѓутоа е  првпат  лидерите на двете земји да потпишуваат ваков договор.

Договорот предвидува и размена на затвореници. Двете страни треба да ги разменат и посмртните останки на загинатите војници. Бегалците треба да се вратат во својата татковина под надзор на Обединетите нации.

Преку илјада загинати

Деценискиот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан околу регионот Нагорно-Карабах повторно се разгоре на крајот на септември. Според официјалните информации од обете страни во конфликтот, повеќе од илјада луѓе се убиени од почетокот на борбите.

Уништувањата во градот Шуша во Нагорно-Карабах

Нагорно-Карабах еднострано ја прогласи својата независност за време на распадот на Советскиот Сојуз. Следуваше војна со 30 000 мртви во 90-тите години на минатиот век. Самопрогласената Република Нагорно-Карабах сè уште не е признаена на меѓународно ниво и според меѓународното право се смета за дел од Азербејџан. Поголемиот дел на Нагроно-Карабах е населен со Ерменци.