
Ова се новите мерки кои Комисијата за заразни болести ги достави до Владата – ќе се одлучува вечерва
Комисијата за заразни болести ги испрати до Влада новите предлог мерки и истите ќе се разгледуваат на седницата вечерва во 18 часот, пренесува „ТВ21“.
Како што дознава „ТВ21“ ова се дел од мерките:
– Забрана за гостување на ДЈ и пејачи во угостителски објекти
– Да се почитува забраната донесена од Владата за неработење на дискотеките
– До 55db ограничување на гласноста на музиката
– Намалување на бројот на луѓе кои седат на една маса во угостителските објекти од 12 на 4.
Владата за 18 часот закажа седница на која ќе одлучува дали ќе ги прифати овие мерки.
„Сметаме дека ова се апсолутно оправадни мерки, дека се добар период кога треба да се имплементираат. Секако ја пратиме ситуацијата и понатаму доколку треба имаме план и за дополнителни рестрикции ако тоа се изнуди“, изјави Филипче, за телевизија Канал 5.
„Имаме зголемување на бројот на случаи во сите возразни групи над 20, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години од 50 проценти и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години“, изјави Филипче.
Министерот за здравство посочи дека една од можните мерки, понатаму е и ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз и мерката за носење маски на отворено.
„Се уште е рано, затоа што тоа значи освен превентивна мерка за корона и заштита од сезонски грип, настинки во ладното време и секако од загаден воздух. Значи би размислувале во подоцнежните есенски месеци за сите други мерки“ изјави Филипче.