Паника во Италија : За еден ден во мало гратче 14 заразени од коронавирус , еден починат

Паника во Италија : За еден ден во мало гратче 14 заразени од коронавирус , еден починат

Стотици луѓе се тестираат, а неколку градови во северна Италија наредија затворање на сите јавни собири, во обид да се спречи ширењето на коронавирусот од  кој што се заразија 14 лица на северот на земјата.

За помалку од 24 часа, бројот на луѓе со позитивен тест на потенцијално смртоносниот Ковид-19 во градот Кодоња, 60 километри југоисточно од Милано, се зголеми од нула на 14.

„Го очекувавме, иако се надевавме дека тоа нема да се случи“, рече комесарот за здравство на Ломбардија, Џулио Галера.

Првиот пациент во Кодоња е 38-годишен Италијанец кој е потврден вчера вечер, иако е во болница од средата, но бидејќи немал очигледна врска со Кина, лекарите не го третирале веднаш како можен пациент од коронавирус. Тоа се случи откако неговата состојба се влошила, а неговата сопруга се сетила дека неодамна вечерал со еден пријател кој се вратил од Кина.

Вирусот преминал од него на неговата бремена сопруга, пријател со кого трчал, петмина лекари и медицински сестри и тројца пациенти во болницата во која се лекувал, како и кај тројца постари мажи.

Тројцата постари мажи се посетители на кафуле кое го држи таткото на џогинг партнер на болниот 38-годишник, се вели во соопштението на регионалните власти.

„Ставивме 250 лица во изолација и ќе ги тестираме“, рече Галера. Меѓу нив се 70 члена на медицинскиот персонал во болницата Кодоња и 160 соработници на 38-годишникот.

Властите најавија затворање на сите места за јавни собири во Кодоња и во девет околни места.

Министерот за здравство Роберто Сперанза рече дека училиштата и повеќето продавници ќе бидат затворени и ќе се откажат спортските настани.

„Главната цел во следните часови е да престане ширењето на вирусот“, рече Сперанза по разговорот со регионалните власти.

Пријателот на 38-годишникот кој бил во Кина и бил негативен за коронавирус е задржан во болница за понатамошно испитување. Здравствените власти соопштија дека тој немал никакви симптоми откако се вратил од Кина на 21 јануари, па дури и ако бил носител на вирусот, неговата инфекција поминала.

Според новинската агенција АНСА, заболениот 38-годишник работи во италијанскиот огранок на Унилевер, додека неговиот пријател кој патувал за Кина е менаџер во МАЕ, италијанска компанија за производство на вештачки влакна.

„Не сакаме да шириме паника, но луѓето треба да разберат дека преземените мерки се од суштинско значење за благосостојбата на заедницата“, рече претседателот на Ломбардија, Атилио Фонтана.

Можеби ке те интересира




This will close in 0 seconds