Перење на мозокот, јавни погубувања и отсеченост од светот: Жена која побегнала од Северна Кореја го опишала животот под диктатурата на Ким

 Перење на мозокот, јавни погубувања и отсеченост од светот: Жена која побегнала од Северна Кореја го опишала животот под диктатурата на Ким

Активистката која побегнала од Северна Кореја стравува дека Ким Јонг Ун ќе ја убие, но порачува дека тоа нема да ја спречи да се бори против злото на тиранинот и неговиот суров режим.

Јеонми Парк за “Sun” рекла дека верува дека веќе со години се наоѓа на листата на мети на Ким, и дека стравува дека ќе заврши како саудискиот новинар Џамал Кашоги.

Парк во 2007-ма година побегнала од Северна Кореја така што им платила на шверцери да ја изнесат од земјата откако нејзиниот татко, болен од рак, бил затворен во еден концентрационен логор во земјата. Парк сега живее во Чикаго и редовно го критикува Ким Јонг Ун, кого го споредува со Хитлер и Сталин.

Вели дека Ким ја прогласил за непријател на народот и сега стравува дека ќе заврши како Кашоги, кој бил убиен и исечкан во саудиската амбасада во Истанбул. “Со години сум на црната листа на Ким и стравувам дека ќе се обиде да ме убие. Ме хакнуваат. И постојано ми се закануваат”, рекла таа.

Таа рекла и дека цели генерации на нејзиното семејство биле казнувани поради тоа што таа и нејзината мајка побегнале од земјата каде луѓе лежат мртви по улиците, каде се организираат јавни погубувања и на жителите им се пере мозокот.

“Северна Кореја јавно ме прогласи за непријател на народот и го казни целото мое семејство. Тие се прогласени за виновно поради тоа што се во роднинска врска со мене. Не знам дали се сите во затвор или некои се можеби убиени, но сите се казнети”, рекла таа.

“Родена сум кон крајот на 1993-та година. режимот тогаш престана да им дава храна на луѓето. Три милиони луѓе умреа од 1995-та до 1998-ма. Тоа е најлошиот глад во историјата, а го предизвика еден човек. Мене сето тоа ми беше нормално и не знаев дека животот може да биде поинаков”, рекла таа.

Парк тврди и дека видела јавни погубувања на улиците и вели дека тоа е “пресметан потег” за да се исплаши населението на кое веќе му е испран мозокот да верува дека власта може да им ги чита мислите.

“Децата мора да одат на погубувањата и да седат во првите редови бидејќи се пониски од возрасните. Целта на нашето постоење не е да го исполниме својот потенцијал како поединци, туку да го исполниме потенцијалот на партијата. Децата се учат да бидат заплашени и да не прават работи кои режимот им ги забранил. Затоа перењето на мозокот почнува многу рано”, вели таа.

Северна Кореја после Втората светска војна ја основал дедото на Ким, Ким ил Сунг, кој и денес има божествен статус во земјата. Населението од мали нозе се храни со пропаганда и учи да се плаши од својата влада и Парк вели дека многумина не знаат дека постои интернет, но веруваат дека Ким Јонг Ун може да им ги чита мислите.

“Северна Кореја е религија. Кажано ни е дека Ким е бог и дека знае што мислите и колку коса имате на главата. Тоа е единствената земја каде постои криминална мисла, каде е злосторство дури и размислувањето”, рекла Парк.

Кога побегнала од Северна Кореја, Јеонми прво се сместила во Јужна Кореја, па потоа отишла во САД каде станала активист и борец за човекови права. Вели дека случајот со Кашоги покажува дека диктаторите можат неказнето да минат со убиства, дури и ако тоа убиство се случи во друга земја.

“Кога гледате дека угледен новинар како Џамал Кашоги е убиен во странска држава, а дека другите земји не мрдаат со прст, тогаш сфаќате дека тие нема да одговараат за своите злосторства”, рекла Парк.

Северна Кореја и претходно убивала “непријатели” на странска територија, пишува “The Sun”. Полубратот на Ким Јонг Нам во 2017-та година бил убиен на малезискиот аеродром со помош на нервен агенс. Се верува дека е убиен по налог на Ким, бидејќи и натаму има право на престолот. И покрај тоа, Парк е одлучна да се бори против режимот на Ким.

Опишувајќи колку малку луѓе во Северна Кореја знаат за надворешниот свет, Парк рекла дека повеќето од нив никогаш не ја виделе светската мапа.

“Не знаат дека постои интернет. Немаат струја. Јас не знаев што се Африка и Европа. Не знаев дека постојат други раси. Кажано ни е дека календарот почнува со раѓањето на првиот крал. Кажано ни е дека сме дел од расата на Ким Ил Сунг. Не знаев ни дека сум Азијатка”, рекла таа.

x