Почина Џеј Рамадановски

 Почина Џеј Рамадановски

– Познатиот српски фолкер Џеј Рамадановски почина денеска на 56-годишна возраст, јави дописиникот на МИА од Белград. Според медиумите, Џеј Рамадановски почина како последица на проблеми со срцето, по неуспешните обиди на Итната медицинска помош.

Во неодамнешното интервју, Џеј изјави дека е во строг карантин поради неговите здравствени проблеми и дека коронавирусот би бил фатален за него.

Роден е во големо чевларско семејство на Мазлам и Барија Рамадановски како единствено машко дете. Семејството Рамадановски потекнува од градот Ресен во Македонија.

Првите години од својот живот ги минува на Дорчол во Белград.

По разводот на неговите родители, живее извесно време со неговата баба по мајка, а потоа, поради неговата склоност кон малолетничка деликвенција до полнолетството сместен е во домовите за воспитување на деца и млади. Во тоа време аматерски се занимава со музика.

По запознавањето со Марина Туцаковиќ, Рамадановски го прави првиот сериозен чекор во музиката. Со песната „Зарем јас да ти ги бришам солзите“, тој учествува на фестивалот МЕСАМ во 1987 година и го освојува второто место.

Во текот на 90-те години од минатиот век, Џеј Рамадановски беше популарен низ цела поранешна Југославија, особено во Србија, Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Додека беше на врвот на својата популарност, имаше турнеи и во странство (во Германија, Шведска, Канада, САД) Џеј се појави и во филмот „Ајде да се сакаме 2“ од 1989 година, каде изведуваше една од неговите тогаш популарни песни „Дали се согласуваш“.

На Гранд фестивалот во 2008 година го освои второто место со песната „Да се има, па да се нема“.

>
>