Под мразот на Сибир пронајдоа животно старо 18 илјади години: Научниците не знаат за што станува збор

Под мразот на Сибир пронајдоа животно старо 18 илјади години: Научниците не знаат за што станува збор

Научниците на Сибир пронашле неверојатно сочуван леш на младенче закое не е сигурно дали е куче или волк.

Пронајденото животно имало само два месеци во моментот кога угинало, а научниците не можеле да поверуваат колку добро мразот го сочувал крзното, носот и забите на животното.

Тие и натаму не можат да утврдат за каков точно вид на животно станува збор, односно дали станува збор за куче или волк. Постои и трета опција – дека всушност станува збор за непознато животно кое било еволуциска врска помеѓу волците и модерните кучиња.

Со метода на радиокарбонско датирање било утврдено кога животното угинало и колку долго било замрзнато, додека со анализа на геномите било утврдено дека станува збор за животно од машки пол.

„Веќе добивме многу податоци и многумина би помислиле дека веќе сме дознале дали станува збор за куче или волк. Секвенцирањето на ДНК-та всушност покажува дека би можело да се работи за животно кое е заеднички предок на волците и кучињата“, изјави Дејв Стантон од Центарот за палеогенетика во Шведска.

Друг научник од истиот центар, Лов Дален на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека пронајденото животно е можеби најстарото куче некогаш пронајдено.

За да не остане сето тоа на нагаѓања, научниците ќе продолжат со секвенцирањето на ДНК-та со надеж дека ќе откријат досега непознати работи околу еволуцијата на кучињата.

Инаку, се смета дека модерните кучиња потекнуваат од волците, но и натаму се води дебата околу тоа кога точно кучињата биле припитомени, односно кога започнале да живеат со луѓето. Едно истражување од 2017-та година сугерира дека тоа можеби се случило пред 20 илјади до 40 илјади години.