Под посебни протоколи утре почнува јубилејното 60 издание на Струшките вечери на поезијата

 Под посебни протоколи утре почнува јубилејното 60 издание на Струшките вечери на поезијата

Под посебни протоколи за заштита на населението од Ковид-19 и без дел од традиционалните содржини утре во Струга почнува јубилејното 60. издание на Меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.

Официјалното отворање ќе биде вечерта на летната тераса во хотел „Дрим“, а претходно на летната сцена во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе биде отворена изложба „60 години Струшки вечери на поезијата“. Годинава ќе изостане традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот, поради неможноста да присуствува добитничката на Златен венец, британската поетеса Керол Ен Дафи. Според најавите на Фестивалот, лауреатот ќе има видеообраќање и поетско читање.

Јубилејното фестивалско издание ќе се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, што според НУ Струшки вечери на поезијата, го потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

Најголем дел од поетските читања и портретите на фестивалот ќе се одржуваат на летната тераса во хотел „Дрим“ и на летната сцена во Центарот за култура, а најавено е присуство на 30-ина поети од земјава и светот.

Манифестацијата завршува в недела со меѓународното поетско читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”, на летната тераса во хотел „Дрим“.

Фестивалот, како што неодамна најави дирекцијата, ќе се одржува со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот.

– Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст, соопшти установата.

Програмата ќе се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на Струшките вечери на поезијата.

x