Поради епидемијата, муслиманите во Барселона за првпат организираат ифтар во дворот на црквата

 Поради епидемијата, муслиманите во Барселона за првпат организираат ифтар во дворот на црквата

„Ова, всушност, претставува дијалог меѓу културите. Муслимани и христијани, ние сме браќа. Тоа што за нив претставува црквата, за нас преставува џамијата. И двете се куќи на Господа“, рече Баду, претседателката на Каталонското здружение на жени

БАРСЕЛОНА (АА) – ШЕНХАН БОЛЕЛИ –

Католичка црква во Барселона, во автономната област Каталонија на истокот од Шпанија, за првпат започна да им служи на муслиманите во дворот на црквата за време на Рамазан, по барање на муслиманите кои живеат во регионот.

Во Каталонија каде што живеат најмногу муслимани (приближно 570.000), од вкупно 2 милиони муслимани во земјата, поради епидемијата од Ковид-19, за првпат муслиманите во црква го учат езанот и ги отвораат рамазанските пости.

Како дел од мерките против Ковид-19, во Шпанија е забрането луѓето да се собираат во затворени места. Црквата „Света Ана“, која го прифати барањето на муслиманите кои живеат во регионот, овозможи дворот на црквата да се користи за време на Рамазан во времето на ифтар.

Муслиманите кои се собраа во дворот на црквата, читаа езан, јадеа ифтар според правилата за физичко растојание и се молеа. Овие слики, кои се први, дадоа пример за меѓуверски дијалог.

– „Тоа беше барање од муслиманите и ние го прифативме.“

Фаузиа Чатиу Баду, претседателката на Каталонското здружение на жени од Мароко, кое ја започна иницијативата, за АА изјави: „Јас понекогаш тука работам и готвам како волонтер. Разговарав со свештеникот Пеијо и му реков дека ќе постам за време на Рамазан и побарав да дозволи тука да се организира ифтар. Тој го прифати тоа. Ова, всушност, претставува дијалог меѓу културите. Муслимани и христијани, ние сме браќа. Тоа што за нив претставува црквата, за нас претставува џамијата. И двете се куќи на Господа.“

Свештеникот Пеијо Санчез, одговорен за Црквата „Света Ана“, позната по своите проекти за социјална помош во регионот, во однос на дозволата за организирање ифтар во црквата, рече:

„Ние како црква, секогаш им помагаме на граѓаните што живеат во најтешки услови. Во овој контекст, тоа беше барање од нив [муслиманите] и го прифативме. Не може да се организира ифтар во затворени области поради епидемијата. Од друга страна, има и такви кои се бездомници и тие постат цел ден. Ова, исто така претставува знак за нашето гостопримство. Иако сме навикнати да живееме заедно, епидемијата доведе до ваков меѓуверски соживот.“

– „Треба да претставува пример за целиот свет“

Хусеин, еден од муслиманите кој дојде на ифтар, рече: „За првпат во црквата се организира ифтар. Но, минатата година за време на Рамазан кога се применуваше целосен карантин поради Ковид-19, имаше моменти кога земавме храна од тука и ифтар јадевме на улица.“

Истакнувајќи дека организирањето ифтар во црквата во Барселона е најдобар пример за соживот меѓу религиите, Мухамед рече: „Ова е многу убав гест. Треба да биде пример за целиот свет. Би сакал целиот свет да живее во мир како ние тука.“

Повеќе од 2 милиони муслимани кои живеат во Шпанија не можат да организираат ифтар, да клањаат теравих намаз или да организираат други активности за Рамазан поради мерките преземени против ширењето на Ковид-19.

Иако муслиманските здруженија во многу градови во земјата бараа ограничувањата на капацитетите што се применуваат во џамиите, да се зголемат од 30 на 50 проценти во текот на Рамазан и полицискиот час наместо од 22:00 да започнува од 23:00 часот, здравствените оддели на локалните самоуправи не го дозволија тоа.

>
>