
Поради критиките, амбасадорот на Израел во ОН ја напушти салата за време на обраќањето на Ердоган
ЊУЈОРК (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) остро го критикуваше Израел, поради што израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, ја напушти салата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердан ја напушти салата додека турскиот претседател во видео пораката по повод 75-годишнината од Генералното собрание на ОН говореше за израелската политика на угнетување, насилство и заплашување кон Палестинците.
Ердоган во дел од обраќањето за Палестина потсети дека Израел и понатаму продолжува со напади и со насилство врз светиот град Ерусалим.
„Палестинскиот народ повеќе од половина век се спротивставува на израелската политика на угнетување, насилство и заплашување. Кога беше одбиен документот за предавство кој на палестинската страна се обидоа да ѝ го пласираат под називот ‘договор на векот’, тогаш Израел ги забрза напорите со помош на своите соработници, тврдината да ја освои однатре. Турција нема да даде поддршка на ниеден план на кој не се согласува палестинскиот народ“, рече Ердоган.
Истакна дека некои земји во регионот му пружиле поддршка на Израел, со што отворено ги прекршиле основните норми на меѓународното право.
„Земјите кои изјавија дека имаат намера да отворат амбасади во Ерусалим, спротивно на резолуциите на Обединетите нации и меѓународното право, со тоа само дополнително го комплицираат конфликтот. Палестинското прашање може да се реши со воспоставување на независна и суверена палестинска држава со Источен Ерусалим како главен град врз основа на границите од 1967 година. Барањето други решенија е залудна, еднострана и неправедна постапка“, рече турскиот претседател.