
Поради пандемијата на коронавирусот Саудиска Арабија ги затвори џамиите во Мека и Медина
Саудиските власти го суспендирале извршувањето на заедничките молитви и во сите други џамии во земјата. Претходно Саудиска Арабија го суспендираше и извршувањето умра.
РИЈАД (АА) – Во екот на глобалната пандемија на коронавирусот, властите на Саудиска Арабија ги затворија џамиите во Мека и Медина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Надлежните безбедносни и здравствени институции одлучија од денеска да го забранат извршувањето на молитвата и присуството во предворјето на „Месџид ал Харам“ во Мека и Џамијата на божјиот пратеник во Медина“, изјави портпаролот на Кабинетот за џамијата во Мека, Хани бин Хосни Хаидар.
Саудиската новинска агенција СПА претходно соопшти дека саудиските власти го суспендирале извршувањето на заедничките молитви и во сите други џамии во земјата. Претходно Саудиска Арабија го суспендираше и извршувањето умра.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а потоа се прошири во сите делови на светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Во Саудиска Арабија со коронавирусот се заразени најмалку 274 лица.
Во светот со коронавирусот се заразени речиси 245.000 лица, а од последиците на заразата починаа над 10.000 лица. Излекувани се нешто повеќе од 86.000 заразени.