Повеќе од 1.000 луѓе заразени со нов вид на корона во Англија, дали вакцината ќе делува?

 Повеќе од 1.000 луѓе заразени со нов вид на корона во Англија, дали вакцината ќе делува?

Во Англија се појави нов вид на коронавирус, пренесе BBC.

Министерот за здравство Мет Хенкок рече дека во најмалку 60 различни локални единици се забележани инфекции со нов вид на коронавирус.

„Во моментов, идентификувавме над 1.000 случаи на зараза со нова варијанта на вирусот, претежно на југот на Англија“, изјави тој пред британските пратеници.

Според него, тоа би можело да објасни зошто нивото на инфекција во тој дел на земјата порасна многу побрзо отколку во другите делови на земјата. Тој рече дека слични облици се откриени и во други земји.

Министерот за здравје нагласи дека нема никакви сознанија дека новата варијанта е позаразна или дека е отпорна на вакцината што сега се дистрибуира во Велика Британија. Но, додаде дека тоа е дополнителна причина луѓето да останат внимателни и да ги следат мерките за заштита од вирусот.

За новиот вид на корона е известена и Светската здравствена организација. СЗО соопшти дека нема докази дека овој сој се однесува поинаку од постоечкиот вид.

„Свесни сме за оваа генетска варијанта, пријавена кај 1.000 луѓе во Англија“, изјави Мајк Рајан од СЗО пред новинарите во Женева.

Тој додаде дека досега сме виделе многу варијанти, односно вирусот се развива и се менува со текот на времето.

Засега не е познато дали новиот вид може да предизвика потешки заболувања или дали вакцината ќе влијае или нема да влијае, пренесе BBC.