• 18/09/2020

Повторно пресврт: Ќе има фудбал во Италија, федерацијата против државните препораки

 Повторно пресврт: Ќе има фудбал во Италија, федерацијата против државните препораки
loading...
Advertisement

Натпреварувањето во италијанската Серија А сепак ќе продолжи, откако раководството на лигата и на Фудбалската Федерација реши да се спротивстави на препораките од државните власти.

Натпреварот меѓу Парма и СПАЛ што требаше да стартува во 12.30 часот беше одложен неколку минути пред почетокот, откако Министерот за Спорт, Винченцо Спадафора, јавно побара фудбалските власти да ги почитуваат на државните препораки и да ги откажат натпреварите.

„Нема никаква поента во овој момент, кога бараме од нашите граѓани огромно жртвување за да се спречи ширење на болеста, да се ризикува здравјето на играчи, тренери, судии. Останатите федерации постапија разумно и ги суспендираа спортските настани, се надевам дека челниците на Фудбалската федерација уште еднаш ќе размислат, да не чекаме да ни се случи прв заразен фудбалер, за потоа да се стопира шампионатот“, изјави Министерот за Спорт на Италија, Винченцо Спадафора.

Веднаш по оваа изјава стартот на дуелот Парма – СПАЛ беше одложен на 30 минути, потоа на дополнителни 15 минути, за на крајот да биде донесена одлука натпреварот да стартува во 13.45 часот.

Во овој период биле извршени консултации во Италијанската Фудбалска Федерација, чие раководство заедно со челниците на Серија А донеле одлука дека играњето без публика е доволна превентива за да се спречи дополнително ширење на коронавирусот. По презентирањето на овој став, донесена е одлуката мечот Парма – СПАЛ да почне во 13.45 часот, а останатите денешни средби во претходно утврдените термини: во 15 часот ќе се играат средбите Милан – Џенова и Сампдорија – Верона, во 18 часот Илија Несторовски со Удинезе ќе ја пречека Фиорентина, додека за 20.45 часот е закажан почетокот на големото дерби меѓу Јувентус и Интер.