Пожар кај Струга, зафатена поголема површина трска (Видео)

 Пожар кај Струга, зафатена поголема површина трска (Видео)

Попладнево во Струга изби пожар во кој е опожарена поголема површина трска.

Од Територијалната противпожарна единица од Струга интервенираа на лице место и работат на комплетно санирање на пожарот. Пожарот настанал во крајбрежниот дел на трската, на линија со крајбрежната патека, на излезот од Струга кон селото Калишта.

Ова е само продолжување на случаите на  „случајно“ опожарување во комбинација со тампонирање на трската во Струга. Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека активно соработува со Одделението за внатрешни работи (ОВР) Струга во откривање и санкционирање на уништувањето на природното наследство на струшкото крајбрежје.

– Во заедничка координација, во март оваа година, обезбедија докази против лице што ангажирало градежна механизација за насипување и рамнење на дел од крајбрежјето со шут и земја. На локацијата исто така беа забележани и траги од опожарена трска. Овие активности резултираат со недозволена крајбрежна трансформација и уништување на пределот. Подготвена е кривична пријава што денес ја поднесуваме до надлежното Јавно обвинителство. Правниот основ на тужбата е членот 230 од Кривичниот законик „Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи”, според кој може да се изрече казна затвор од три месеци до три години, информираа неодамна од Државниот инспекторат за животна средина.

Додаваат дека нема да дозволат загадување на животната средина, особено во регион кој е впишан на листата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива видео: Никола Кукунеш

>
>