
Пожар во најголемата нуклеарна централа во Европа по гранатирање на руската војска
Утрово избувна пожар во една од помошните згради околу нуклеарната централа во Запорожје по гранатирање кое го извршиле руските воени сили, соопштија украинските власти.
Откако зградата горела неколку часа, бидејќи руските војници не дозволувале пристап на локалните пожарникари, огнот бил изгаснат во 6:20 часот по локално време потврдија украинските итни служби.
Глобалните медиуми пренесоа дека нуклеарната централа, која е најголема во Европа, потпаднала под руска контрола.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати уште еден апел за помош до Европа по овој напад.
„Ги предупредуваме сите дека ниту една земја досега не гранатирала нуклеарна централа. Ова е првпат во историјата на човештвото кога терористичка држава прави нуклеарен тероризам“, рече Зеленски.
Светските лидери ја обвинија Русија за загрозување на безбедноста на целиот континент. Британскиот премиер, Борис Џонсон, нападот го нарече „неодговорен“ додавајќи дека претставува „директна закана за сигурноста на цела Европа“. Американскиот претседател, Џо Бајден, повика итно да престанат сите воени активности во близина на локацијата, додека канадскиот премиер, Џастин Трудо, изјави дека овие „ужасни напади од Русија мора да престанат веднаш“.
Американската министерка за енергетика, Џенифер Гранхолм, на Твитер напиша дека во моментов нема подигнати нивоа на радијација во близина на нуклеарната централа и дека реакторите се исклучени и дека се заштитени од робусни складишни структури.
Ваквите информации ги потврдија и од Меѓународната агенција за атомска енергија, кои соопштија дека главната опрема на нуклеарната централа во Запорожје не била засегната од пожарот, повикувајќи се на регулаторите во Украина.