Пристигна најсовремената терапија за лекување пациенти со Ковид-19

 Пристигна најсовремената терапија за лекување пациенти со Ковид-19

Министерството за здравство соопшти дека денеска пристигнал најсовремениот метод на терапија за пациенти заболени со вирусот Ковид-19, моноклонална „коктел терапија“ со антитела од лековите „Casirivimab и Imdevimab”, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Од Министерството информираат дека по бројни преговори успеале да се приклучат кон заеднички договор за рамковна спогодба на кој ексклузивно право имаат земјите-членки на Европската унија, за приоритетна достапност на моноклоналната „коктел терапија“.

Рамковната Спогодба со производителот „Hoffman-La Roche, Ltd (Roche)“ – Швајцарија, ја склучија 19 земји – членки на ЕУ, нашата држава и Норвешка. Во рамките на проектот за итно справување со кризата предизвикана од Ковид-19, реализиран од страна на Светска банка, обезбедени се средства за оваа набавка. Примената на методот на лекување за нашите пациенти, со оваа терапија во моментов не прави единствена земја на Западен Балкан за чии граѓани е достапен овој лек. Терапијата се набавува за потребите на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и ќе се аплицира кај не-хоспитализирани пациенти кои се лекуваат од Ковид-19. Со ова се очекува да се намали потребата од хоспитализација на пациенти, посочуваат од Министерството.

„Казиривимаб и Имдевимаб“ (порано познат како REGN-COV2 или REGEN-COV2) е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од „SARS-CoV-2,“ вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид-19, стои во соопштението.

x