Проф. Трајковски: Во наредните 15-20 дена не влегувајте во затворени простории со многу луѓе

 Проф. Трајковски: Во наредните 15-20 дена не влегувајте во затворени простории со многу луѓе

Професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски, кој на неговиот Фејсбук-профил секојдневно прави анализи за трендот на заболени и смртноста од Ковид-19 во Македонија, ги повикува граѓаните во наредните 15-20 дена да не влегуваат во било какви затворени простории со многу луѓе, посебно не без маски.

“Битолчани, мислете му ја… На државно ниво растот веќе подзапира (започнува да се формира врвот на црвената крива), но на локално ниво, во Битола допрва епидемијата се разгорува. Ефективниот репродукционен број Rt неделава достигна многу висока вредност од 1,69 ± 0,74.

Да се потсетиме, според критериумите на ECDC (Европскиот центар за превенција на заразни болести на СЗО), 14-дневна инциденца над 120 случаи на 100.000 жители претставува четврт, највисок степен на ризик од ширење на заразата (црвен аларм).

Со 849 нови случаи за 14 дена на 100.000 жители, ризикот е 7 пати поголем од критичниот, а за неколку дена веројатно ќе надминеме дури 1.000 случаи, којшто некои го нарекуваат црн аларм.

Малку земји во светот имале толку високи нивоа на ризик. Кога ја поставувале границата на 120, веројатно никој здраворазумен не можел да помисли дека некаде ќе се случат вакви бројки.

Истовремено, денеска е надминат ноемврискиот максимум за бројот на активни случаи (зелената линија на вториот дијаграм), додека според бројот на хоспитализирани есенскиот максимум е надминат уште пред неколку дена.

Гледаме дека властите немаат намера да го контролираат овој бран, но барем ние, граѓаните да се обидеме да го зауздаме своето самоубиствено однесување.

Беше што беше до сега, но во наредните 15-20 дена би требало да се прекине со влегување во било какви затворени простории со многу луѓе (особено без заштитни маски!), кога тоа воопшто е возможно.

Дали денешниве 6 починати беа малку, па треба да видиме уште повеќе?“, напиша тој на својот Фејсбук-профил.

x