
Протести во Октиси поради сечата на дрва на Јабланица
Жителите на струшкото село Октиси на протест денес побараа под итно да прекине сечата на шума на планината Јабланица во атарот на нивното село. Велат дека планината сè повеќе се уништува и упатија конкретни барања до надлежните институции и министерства.
„Имаме три барања. Првото барање е повлекување на целокупната механизација од нашето место, до понеделник тоа да се случи. Второто брање е да се поништат сите тендери кои се распишани за сеча или сличен геноцид на нашата природа. Под трето, бараме од државата и сите надлежни министерства да преземат мерки за што побрзо прогласи Јабланица на национален парк со цел повеќе да немаме вакви проблеми и опустушување и геноцид“, рече Самир Цаноски-жител на Октиси.
Поради сечењето и уништувањето на шумата велат дека се доведува во прашање и снабдувањето со вода на околу 5.000 жители, а во опасност велат дека се и археолошките остатоци од древниот римски пат Виа Игнација.
„Голема е опасноста од клизишта и одрони и губење на изворите во целост и загуба на водата за пиење. Тоа значи и физичка загуба на населбата Октиси…“, вели Eнис Мевмедоски-претседател на месна заедница.
Но, од подружницата на Јавното претпријатие Национални шуми во Струга за Алсат денеска рекоа оти во моментов на планината не се врши никаква сеча за која тие дале дозвола. Тендерот не бил завршен, па претпријатието сè уште немало ниту избрано фирма за оваа дејност.
Мики Трајковски
Извор:Алсат