
Првиот случај на коронавирус потврден во Хрватска
Во Хрватска е потврден првиот случај на заразеност со новиот коронавирус. Ова го соопшти премиерот Андреј Пленковиќ, кој прецизираше дека станува збор за помлад човек, чија состојба е стабилна.
Тој се наоѓа на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“ во Загреб.
„Јавноста ќе биде веднаш известена за сите важни вести“, рече Пленковиќ.
Министерот за здравство Вили Берош изјави дека коронавирусот е потврден кај маж што бил во Милано.
„Влегуваме во фаза што е на нешто поголема подготвеност од досега. Тоа е болест слична на грипот. Не се очекува поголем морбидитет или поголеми компликации. Здравствениот систем е подготвен и правиме сè за безбедноста на нашата нација“, рече Берош.
„Во Хрватска ги преземаме сите неопходни мерки. Или јас или некој од државните секретари треба да оди во Рим за да видиме што прават тие. Одговорно тврдам дека ние веќе ги инволвиравме сите што работат во Европа и во светот. Мислам дека навистина сме подготвени, но вирусите се непредвидливи живи клетки, поради кои не можеме да ги имаме одговорите на сите прашања“, рече министерот.
„Нема потреба да се крева паника, оваа болест е како обичниот грип“, додаде Берош.