Речиси две третини од Германците трошат помалку поради рекордната инфлација

Речиси две третини од Германците трошат помалку поради рекордната инфлација

Речиси две третини од потрошувачите во Германија трошат помалку пари поради рекордната инфлација, соопшти денеска Федерацијата на организации на германски потрошувачи.

– Речиси две третини од испитаните лица, трошат помалку пари поради инфлацијата, а уште 20 отсто веруваат дека во иднина ќе мора да ги намалат трошоците, информираше претседателката Рамона Поп.

Најголемото мнозинство, 61 отсто од нив, штеди кога е во прашање купувањето намирници, а 56 проценти штедат при купување облека и чевли.

Поради растот на малопродажните цени, една третина од испитаниците помалку го користат сопственото возило. Една третина од испитаните луѓе посочија оти и помалку користат авионски превоз поради зголемените цени.

Инфлацијата во октомври изнесуваше 10,4 отсто, а на рекордот најмногу влијаеше зголемувањето на цените на енергенсите.

Прехранбените производи во просек поскапеа за 20,3 проценти. Во споредба со октомври минатата година, најмногу поскапе маслото за јадење, 49,7 отсто, млечните производи и јајцата, 28,9 проценти, па лебот и производите од жито, 19,8 отсто.

Најголем скок на цените во енергетскиот сектор е забележан кај природниот гас. Тој е за 109,8 отсто поскап, отколку во истиот период лани. Во просек, горивото за автомобили е поскапо за 22,3 проценти.

Истражувањето на Федерацијата на организации на германски потрошувачи покажа и дека потрошувачите се подготвени да ги променат нивните навики на купување, доколку тоа придонесе до забавување на климатските промени.

Се покажа и дека 75 проценти од испитаниците се подготвени да ја носат подолго облеката што веќе ја имаат, наместо да купуваат нова. Од нив, 45 отсто изјавија оти ќе се откажат од купување нови електронски уреди, доколку може да се поправат старите.

Можеби ке те интересира




This will close in 0 seconds

Generated by Feedzy