Режисерот на филмот „Дедо и внук“, Илија Пиперкоски ја закажа премиерата на  6-ти декември во Охрид

Режисерот на филмот „Дедо и внук“, Илија Пиперкоски ја закажа премиерата на 6-ти декември во Охрид

Охрид, 30. ноември 2019 – Македонскиот режисер Илија Пиперкоски, еден од најуспешните од младата генерација, за 6-ти декември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ја најави премиерата на неговиот најнов филм „Дедо и внук“.

Пиперкоски, истовремено, е и сценарист на филмот. Тој, досега има режирано голем број кратки и документарни филмови. Продуцент на филмот е Огнен Антов, директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафироски, додека костимограф е Жаклина Крстевска.
Филмот започна да се снима во април 2017 година и е единствениот долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Димитрие Османли „Мирно лето“, кој е целосно снимен во Охрид.

Снимањето на филмот „Дедо и внук“ започна во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше филмот „Мирно лето“.
Режисерот Пиперкоски го нагласува своето задоволство што снима во својот роден град.

– Уште откако се запишав на филмска академија, го чекав да дојде тој ден, не дека претходно не сум правел кратки филмови, но, знаете, кога снимате игран филм, чувството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја пренесете приказната – вели Пиперкоски.
За продуцентот на филмот, Огнен Антов, претставува куриозитет фактот што првпат имаме охридски автор, тоа никогаш не се случило во поновата македонска историја.

-Првпат имаме филм којшто комплетно се работи во Охрид, од почеток до крај – вели Антов.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски.
Филмот „Дедо и внук“ е копродукција помеѓу Македонија и Романија. Агенцијата за филм на Република Македонија со 16 милиони денари, финансиски го поддржа филмот.