• 26/09/2020

САД денеска почнуваат со тестирање вакцина за коронавирус

 САД денеска почнуваат со тестирање вакцина за коронавирус
loading...
Advertisement

Првиот учесник во клиничко испитување вакцина за заштита од новиот коронавирус денеска ќе добие експериментална доза, рекол анонимен американски владин претставник, пренесе АП.

Националниот институт за здравство го финансира тестирањето, кое се одвива во Вашингтонскиот институт за здравствени истражувања Кајзер Перманенте во Сиетл.

Американските здравствени власти велат дека ќе бидат потребни од една година до 18 месеци за целосно да се проверат можните вакцини.

Тестирањето ќе почне со 45 млади, здрави волонтери со различни дози вакцина. Нема шанси учесниците да се заразат од вакцината, затоа што тие не го содржат самиот вирус. Целта е чисто да се провери дали вакцините покажуваат загрижувачки несакани ефекти, што ќе го отвори патот за поголеми тестови.

Десетици истражувачки групи низ целиот свет се натпреваруваат да создадат вакцина додека случаите на ковид-19 продолжуваат да растат. Уште поважно, тие се во потрага по различни видови вакцини – развиени од нови технологии што не само што се побрзи за производство од традиционалните вакцини, туку може да се покажат и помоќни.

Целта на некои истражувачи дури се привремени вакцини, за да можат да го заштитат здравјето на луѓето еден до два месеци додека да се развие подолготрајна заштита.

Засега нема докажан лек за ковид-19. Во Кина научниците тестираат комбинација на лекови за ХИВ против новиот коронавирус, како и експериментален лек по име ремдесивир, кој се развиваше за борба против еболата.

Огромно мнозинство пациенти оздравуваат. Според Светската здравствена организација, луѓето со лесна болест оздравуваат за околу две недели, додека на лицата со потешка болест може да им требаат од три до шест недели за да оздрават.