САД: Неколку илјади луѓе на протестите за поддршка на Палестина

 САД: Неколку илјади луѓе на протестите за поддршка на Палестина

Илјадници луѓе, кои се собраа во Вашингтон и Њујорк, повикаа на запирање на израелските напади врз Газа во кои страдаат многу цивили

Неколку илјади демонстранти во саботата се собраа во многу делови на Соединетите Американски Држави (САД), меѓу кои и во Вашингтон и Њујорк, во знак на солидарност со Палестина и протест поради израелските напади на Газа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во главниот град на САД, демонстрантите се собраа кај споменикот Вашингтон, каде што беа истакнати палестинското знаме и транспаренти со поддршка за Палестина. Притоа, се извикуваа слогани, меѓу кои и „Слободна Палестина“.

Собраните изразија незадоволство поради тоа што американската администрација немо ги следи израелските напади врз Палестина. Подоцна, се упатија кон зградата на Конгресот на САД.

Демонстрантите ја повикаа администрацијата предводена од претседателот Џо Бајден да ја запре воената поддршка за Израел.

Мирните протести се организирани во време кога Палестинците ја одбележуваат 73-годишнината од Накба (Големата катастрофа). Накба, симбол на присилните миграции и масакри над неколку милиони Палестинци кои живееја во егзил со децении, ја покажува болката и страдањето што трае подолго од седум децении.

Во Бруклин, во Њујорк, се собраа неколку илјади луѓе кои повикаа да се стави крај на окупацијата, убивањето и крај на израелскиот апартхејд.

Меѓу демонстрантите имаше и ортодоксни Евреи.

x