Само 3 отсто од светските екосистеми останале недопрени

 Само 3 отсто од светските екосистеми останале недопрени

Само 3 отсто од светската површина останала еколошки недопрена – со здрави животни и живеалишта кои не се нарушени, покажува нова студија.

Овие предели од дивината, неоштетени од човечките активности, главно се наоѓаат во тропските шуми Амазон и Конго, источно сибирските и северноканадските шуми и тундра, како и Сахара. Инвазивните видови, вклучувајќи мачки, лисици, зајаци, кози и камили, имале големо влијание врз автохтоните видови во Австралија, при што студијата не открила уште недопрени области.

Научниците предлагаат повторно воведување на мал број важни видови во некои оштетени области, како што се слонови или волци – потег што според нив може да ја врати еколошката недопреност до 20% од светската површина.

Претходните анализи ги идентификуваа дивите области во голема мера користејќи сателитски слики и проценуваа дека 20-40% од површината на Земјата е малку погодена од луѓе. Сепак, научниците кои стојат зад новата студија тврдат дека шумите, саваната и тундрите може да изгледаат недопрени одозгора, но дека на теренот недостасуваат витални видови. Слоновите, на пример, шират семе и создаваат важни расчистувања во шумите, додека волците можат да контролираат популации на елени и срни.

Новата проценка комбинира мапи со човечките штети на живеалиштата со мапи кои покажуваат каде животните исчезнале од оригиналниот опсег или се премалку на број за да одржат здрав екосистем. Некои научници велат дека новата анализа ги потценува недопрените области, бидејќи опсегот на животни пред многу векови е слабо познат и новите мапи не ги земаат предвид влијанијата на климатската криза, која ги менува опсезите на видовите.

Широко е прифатено дека светот е во криза со биолошка разновидност, со многу популации на диви животни – од лавови до инсекти – кои опаѓаат, главно поради уништување на живеалиштата за земјоделство и градежништво. Некои научници сметаат дека започнува шестото масовно истребување на животот на Земјата, со сериозни последици врз храната и чиста вода и воздух од кои зависи човештвото.

 Извор: The Gardian

>
>