СДСМ изборната кампања ја започна од Битола

 СДСМ изборната кампања ја започна од Битола

СДСМ вечерва изборната кампања ја почнува од Битола каде што се одржува  и централен митинг.

Претходно лидерот на партијата Зоран Заев беше во посета и на општина Демир Хисар.

Дојдовме да го понудиме најдоброто за Битола, за битолчани, за вашата општина. Најдоброто од Битола за Битола има свое име и презиме – Христо Кондовски, кандидат за ваш градоначалник, а згора на тоа уште 31 име и презиме од Александар Димовски и Жаклина Наумовска, па сѐ до Рабија Бајрамоска и Андреј Лозаноски, како кандидати за членови на Советот на Општина Битола, вака рече вечерва во Битола, претседателот на СДСМ Зоран Заев на промоцијата на кандидатите за градоначалници за овие локални избори.

„Нашата листа за советници е составена од чесни, вредни и почитувани ваши сограѓани кои се цврсто решени да и служат верно на својата општина. Убеден сум, а верувам дека и вие сте убедени дека овие кандидати се најдоброто за вашата општина.

Резултатите што ги постигнавме изминатите неколку години беа најдоброто за државата од осамостојувањето до денес, затоа и одговорноста на секој од нас да продолжи трендот на најдоброто од централно на локално ниво со интензивно темпо е голема.

Од директните буџетски капитални програми за локални општински проекти, вложивме преку 100 милиони евра. Како никогаш претхосмо се инвестираше во секој регион, во секоја општина, во секое населено место, а тоа се гледа и во Битола.

Се рехабилитираа неколку патни правци: делницата од обиколницата Битола во должина од 8 км, регионалниот пат Битола – Новаци и патот Прилеп – Тополчани – Битола, а во фаза на проектирање е патот до границата со Грција од 13км. Во моментот се асфалтира влезот во Битола од страната на Ресен.

Се изгради ЖП Битола – Кременица, а се гради и гасоводот Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола во должина од 92 км и е завшрен 98%. Офицерскиот дом е целосно реконструиран.

Се инвестираше и во десетици проекти во воспоставување на водоводни и канализациони мрежи и изградба и реконструкции на улици на многу населени места на територија на општина Битола.

Токму на ова мислиме кога велиме Најдоброто за нашата општина.  Најдоброто се проектите реализирани за да им служат на сите граѓани. И на Битола, како и на другите општини, потребен ѝ е континуитет, а за тој континуитет гарант е најдоброто, кандидатот за градоначалник Христо Кондовски и советниците на победничката листа на СДСМ и коалицијата“ рече Заев.

Да се биде битолчанец, не е само привилегија, туку аманет да ја унапредиме нашата Битола во сите области на општественото живеење, рече во своето обраќање кандидатот за градоначалник на Битола, Христо Кондовски.

„Лично сум подготвен да го вложам најдоброто од себе, да го инспирирам најдоброто во сите нас, заедно, чекор по чекор, да го оствариме најдоброто за нашата Општина! Ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација. Во оваа прилика сакам да им честитам и да им се заблагодарам за досегашниот домаќински ангажман во Општината на градоначалничката Наташа Петровска и актуелните советници. Создадовте одлична основа за идниот развој на Битола.

Драги пријатели, Битола ја замислувам како развиена и перспективна Општина во која вреди да се живее, да се работи и создава, тука да се основа семејство, да се твори и спокојно да се старее. Град полн со живот, чист и раздвижен, економски развиен, урбанистички современ, инфраструктурно обновен. Привлечна туристичка дестинација, кој пулсира во духот на културата и забавата. Битола во која спортот и рекреацијата се секому на дофат, а спортските клубови – национална гордост. Посебно место во мојата визија има Фудбалскиот Клуб Пелистер кој сега е во незавидна ситуација. Но, ветувам дека за многу скоро ќе се најде во рацете на сериозен инвеститор со кој Пелистер ќе го однесеме на европските терени! ФК Пелистер ќе биде и битолска и национална гордост, а Чкембарите горди навивачи! Тоа е мојата визија, тоа е нашата визија, а за истата е изработена досега најдобрата локална изборна програма. Најдобра е затоа што извира од реалните потреби на граѓаните и потребата за севкупен локален развој, не само на градот туку и на руралните области во нашата Општина“ рече меѓу другото Кондовски.

>
>