• 24/09/2020

Се откажуваат аранжманите за Охрид, последиците по туризмот од кризата со корона вирусот можат да бидат катастрофални

 Се откажуваат аранжманите за Охрид, последиците по туризмот од кризата со корона вирусот можат да бидат катастрофални
loading...
Advertisement

Аранжманите за охридската ривиера, во најголем дел се целосно откажани до средината на мај, поради ситуацијата со корона вирусот, што ја стави Европа во карантин. Од Хотелската асоцијација информираат дека откажувања на аранжмани има секојдневно.

-Нема никакви активности, откажани се и конгресите и семинарите, нема гости. Работиме со редуциран персонал, но не знаеме што ќе биде натаму, велат хотелиерите. Големи откажувања има и во приватното сместување.

Туроператорите и агенциите, пак, се жалат дека немаат продажба. Велат оти средства за плати имаат само за уште месец – два, а потоа не знаат што ќе биде.

Туристичкиот сектор, кој е најпогоден од кризата со вирусот Covid 19, бара помош од државата. Помош бараат и другите сектори, кои исто така трпат огромни штети. Владата информира дека работи на сет економски мерки за ублажување на последиците од кризата која според проценките може да биде полоша и од рецесија. Според најавите, тие ќе бидат објавени во текот на денешниот ден или утре.

Колку ќе трае кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот, засега тешко е да се прогнозира, но претпоставките се дека последиците ќе бидат далекусежни. Голем број европски земји ги затворија границите и аеродромите, а истото го направија и САД, чиј претседател изрази очекување дека со ригорозни мерки светот би можел да ја надмине оваа криза до јули или август. Главен фокус на сите земји сега е да се спречи ширењето на корона вирусот. Надеж даваат научниците и фармацевтските куќи кои интензивно работат на изнаоѓање вакцина и лек за корона вирусот. Во тек се тестирања кои покажуваат ветувачки резултати, но кризата со вирусот Covid 19, кој уби илјадници луѓе во целиот свет, зарази стотици илјади и целосно го промени начинот на кој живееме, е далеку од крајот.

Извор:OhridNews