
Се пополнуваат капацитетите во охридската болница
Двесте пациенти од Охридско струшкиот регион денес се тестирале за Ковид 19, што е рекордна бројка, велат епидемиолозите. Дури 150 од нив се вратиле од Италија, Германија и САД. Станува збор за бизнис и туристички патувања, и како резултат на тоа во Охрид, корона вирусот се шири со голема брзина. Ако пред само десет дена во охридската болницата беа хоспитализирани педесетина, во моментот се хоспитализирани 90 пациенти. Половината се на кислородна поддршка.
„Веќе сме при крај со сили и со се. Многу е напорна работата, дежурствата се тешки со тешки пациенти со кислородна поддршка. Веќе една година се работи без престан, без ден одмор, поради тоа. Најтешко е кога треба да соопштиш на домашните за исходот, со друго се справуваме некако“, рече Весна Грозданоска Петреска-инфектолог.
Модуларната болница и инфективното одделение се полни со ковид позитивни пациенти. На одделот за геријатрија лежат сомнителни на Ковид, а пред повторно активирање е и нервното одделение. Дневно се трошат и по педесетина литри кислород. Од болницата велат дека со поставувањето на модуларната болница им фалат, лекари и медицински сестри.
„Ни требаат сестри и лекари, но и помошен технички персонал. Моментално уште 10 до 15 медицински сестри ни се потребни. Добро е што имавме доволен број на интернисти, а имавме и тројца инфектолози. Нас најповеќе ни требаат специјалисти. Десет доктори сигурно дека ни требаат. Имаме проблем со докторски кадар, инфектолози завршени со анестезиолози завршени. Тоа не се работи кои се решаваат наеднаш“, изјави Горан Балев-директор на општа болница Охрид.
Најголем дел од позитивните во Охрид се до 40 годишна возраст. Матичните лекари ги загрижува податокот на се поголемиот број помлади лица, кои лежат во болниците или се инфицирани. Од општина Охрид и локалниот кризен штаб бараат заострување на мерките за групирање и движење како и одлука за зголемување на полицискиот час. Во Струга ситуацијата е подобро. Во болницата се хоспитализирани 20 пациенти од кои неколку се на кислород.
Извор:АлсатМ