
Шаќири побара разбирање од СОНК: Преговорите да продолжат, но и наставата да продолжи
Ќе доставам барање до претставниците на СОНК за разбирање преговорите да продолжат, но и наставата да продолжи, истакна министерот за образование Јетон Шаќири додавајќи оти ќе чека повратен одговор од СОНК во однос на нивниот допис, за потоа, како што рече, да може да ги предвиди соодветните чекори во однос на преговорите
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска на прес-конференција истакна дека ќе достави барање до Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) во кое ќе побара од нив продолжување на преговорите, но и продолжување на наставата во училиштата, односо прекин на штрајкот.
Тој додаде оти во моментов не смееме да си дозволиме нов луксуз според кој децата не би следеле настава, затоа од членството на СОНК и од наставниците побара да се вратат на настава, со надеж дека барањето ќе биде прифатено.
„Вчера од мене лично и од сите членови на Владата се побара дека ние можеме да продолжиме со секојдневни преговори, а истовремено и наставата да продолжи. Ќе доставам барање до претставниците на СОНК за разбирање наставата да продолжи, но истовремено во тоа барање ќе има дека ние за најкратко време ќе се усогласиме со нивното прво барање, со системско решавање на второто, третото барање па и за едно да продолжиме во други соработки освен за плати за да дојдеме до решение за образовниот процес“,
истакна Шаќри.
Меѓудругото, Шаќири изрази надеж дека од понеделник воспитно-образовниот процес ќе се нормализира.
„Верувам дека ако не од утре, од понеделник ќе се нормализира образовниот процес“,
додаде тој.
Во однос на барањата на СОНК за покачување на платите во образвованието, за 18,4 отсто, Шаќири посочи оти барањето е легитимно и дека повисоки плати ќе има.
„Јас како министер и Владата никогаш не кажавме дека во овој процес не влегуваме за повисоки плати. Барањето за зголемување на платите на наставниците е лититимно и повисоки плати ќе има. Тоа е заложба на Владата и затоа е зголемена минималната плата на почетокот на минатиот месец, со која ќе се усогласат и сите останати, и оние во образование, каде дополнително ќе следи зголемување за одреден процент за кој во моментов сме во преговори. Тоа е процес кој ќе продолжи и денес и утре, се до изнаоѓање конечно и прифатливо решение за сите засегнати“,
нагласи Шаќири, додавајќи оти Владата има разбирања за економската ситуација, но и за продолжување на наставата и преговорите.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа кога ќе се случи следната средба со синдикатот, министерот Шаќири истакна оти преговорите ќе продолжат а оти ќе почека повратен одговор од СОНК во однос на писмениот допис од Министерството, за потоа, како што рече, да може да ги предвиди соодветните чекори.
„Очкувам после дописот тие да вратат или да дадат официјален одговор на тоа, а после ќе ги предвидам соодветните чекори во однос на тој допис“,
додаде Шаќири.