• 19/09/2020

Шкријељ: Се грижиме за сите деца, отвораме нов Центар за деца со церебрална парализа во Скопје

 Шкријељ: Се грижиме за сите деца, отвораме нов Центар за деца со церебрална парализа во Скопје
loading...
Advertisement

Во Скопје се отвора нов Центар за деца со церебрална парализа. Како дел од социјалната реформа и инклузијата на децата со попреченост во заедницата, новиот дневен центар е изграден во рамки на основното училиште „Киро Глигоров“, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, општина Центар и Здружението на родители на деца со церебрална парализа.

„Грижата за општеството значи грижа за сите граѓани подеднакво. Една од целите на реформата што ја спроведуваме во изминатиот период е да обезбедиме поддршка за децата и семејствата на кои им е потребна и да ги вклучиме во активности надвор од домот. Социјалните сервиси како што е овој дневен центар, имаат опрема и обучен кадар да ги следат индивидуалните потреби на секое дете и неговото семејство. Преку поврзување со другите системи на поддршка ја зголемуваме вклученоста на децата со попреченост во заедницата“, изјави дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ на денешната посета на Центарот заедно со родителите и децата корисници на дневниот центар.

Дневниот центар зафаќа 360 квадратни метри. Во него 30 до 40 деца ќе имаат можност да добијат третмани од специјални едукатори, логопеди, психолози и физиотерапевти и со тоа да ја подобрат својата функционалност, но и да дружат со другите деца од училиштето ,,Киро Глигоров’’.
Според вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска важно е да се развиваат услуги на локално ниво со цел да бидат поддржани сите граѓани во заедницата што имаат времена потреба од поддршка на институциите.

„Кога зборуваме за сервисни услуги кон граѓаните зборуваме за директни инвестиции и развој на економијата. Зошто е тоа така, сега ќе ви појаснам. Кога отворате услуга тогаш отворате нови работни места но од друга страна овозможувате жените кои се уште го носат најголемиот товар на домашната грижа, да добијат можност да бидат активни на пазарот на труд“, посочи вицепремиерката Царовска.

Општина Центар за изградба на објектот издвои 5,4 милиони денари, додека МТСП за набавка на опрема и справи за физикална терапија, душеци, ленти за трчање, справи за вежбање, кревет за масажа, абс топки и други останати реквизити обезбеди 441.372 денари.
„Објектот е прв инклузивен центар за вакви лица, опремен со антибактериски подови, тоалети адаптирани за вакви лица, кујна по хасап, рампи за пристап и пристап до ботаничката градинка, интерактивни табли, клинео плафони и адаптабилно загревање. Центарот е опремен по највисоки стандарди, зголемен е капацитетот на лица кои ќе членуваат во овој центар. Училишниот двор и влезот на училиштето се приспособени за потребите на овие лица и овие лица слободно и безбедно ќе ја користат спортската сала на училиштето ,,Киро Глигоров’’, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Центарот работи во рамки на ЈУ МЦСР Скопје и родителите кои се уште не ги користат услугите од дневно згрижување ги повикуваме да аплицираат за остварување на правото до овој Центар.

Во наредниот период заради унапредување на содржините за игра за децата ќе се издвојат средства и за набавка и монтажа на детско инклузивно игралиште во дворот на училиштето.