
Со осветлување во боите на ретките болести Општина Струга се приклучи во кампањата за поддршка на овие лица
Општинската зграда, објекти на национални и јавни институции во Струга, како и коритото на реката Црн Дрим од вечерва, во текот на цел февруари ќе бидат осветлувани во боите на ретките болести, со цел да им се даде поддршка на лицата со ретки болести.
Градоначалникот на Струга Рамис Мерко информира дека Општината во соработка со здружението „Ретко е да си редок“ се приклучува кон кампањата „Ги запознаваме ретките болести“ и секој ден во февруари некоја институција ќе биде осветлена во боите на ретките.
– Во тек на целиот месец ќе бидат осветлени различни објекти, монументални споменици, национални и јавни установи и реката Црн Дрим со цел подигнување на свеста кај граѓаните за постоењето на овие болести и предизвиците за луѓето кои живеат со нив. Вечерва почнуваме со осветлување на општинската зграда, истакна Мерко.
Општина Струга, додаде, е подготвена за секаква поддршка на сите граѓани, без исклучок и на лицата со ретки болести.
– Општина Струга секогаш им помага на лицата со ретки болести. Дава финансиска и друга подршка со оглед дека секој граѓанин треба да биде еднаков, работиме за инклузивно и фер општество, рече Мерко.
Февруари е месец посветен на лицата со ретки болести и преку кампања на здружението „Ретко е да си редок“ се запознава населнието со ретките дијагнози со кои се соочуваат некои лица.