„Создади нова иднина“ – ВМРО-ДПМНЕ од Охрид

 „Создади нова иднина“ – ВМРО-ДПМНЕ од Охрид

Со претставување на кандидатите за градоначалници за претстојните Локални избори закажани за 17 октомври, ВМРО-ДПМНЕ и политичките партии од Коалицијата „Обнова на Македонија“ и оваа предизборна кампања традиционално ја почна со митинг во Охрид.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред партиското членство и симпатизерите собрани на Античкиот театар во Охрид порача дека „народот на претстојните избори достоинствено ќе и покаже на власта дека нема да дозволи повторно да биде излажан“.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се даде гласот за владејачкото мнозинство тоа ќе дозволи и натаму државата да функционира како изминатите години, како што рече, „со продлабочена корупција, хаос, нефункционирање на системот, отсуство на одговорност, немање правда, социјални и економски проблеми и стагнација, експериментирање во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците“.

– Да создадеме сите заедно една нова поинаква различна подобра иднина. Иднината ако продолжи оваа власт јасно е каква ќе биде. Да си одговориме на прашањето дали сме подготвени да им подариме уште нови четири години на истите луѓе кои веќе двапати брутално ги изневерија очекувањата, не го држеа зборот, даваа лажни ветувања. Потонаа опиени во својата моќ и ароганција, корупција играјќи си со вашите животи. Вие сте тие коишто знаат да оценат што е најдобро, а што не е. Треба да се направат промени во однесувањето на сите во државата и да се создаде една нова поинаква, подобра иднина за сите. Иднина на развој, просперитет, напредок, подобар живот, иднина на промени, проекти и победи, рече Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните да донесат вистинска одлука за себе и своите семејства, за иднината што ја сакаат и заслужуваат, да покажат дека се за нова иднина во која татковината Македонија ќе биде нормално, убаво место за живеење.

– Време е за нова страница, за нова борба, за нов патриотизам којшто ќе не обедини леви и десни од сите националности и вери. Ви зборувам за држава која нема да се задоволува со ситни победи, туку со крупни успеси и големи чекори напред. Да ги надраснеме поделбите, да ги срушиме ѕидовите… Оваа борба е заедничка, победите ќе ни бидат заеднички. Сите од сите краеви се обединуваме во нова чиста заедничка цел, а тоа е напредокот, тоа е иднината, тоа е успехот. Зборувам за победи кои земјава ќе ја однесат меѓу најдобрите во Европа. Македонија е Европа и нема алтернатива од тој пат. Македонија е победник, Македонија е успешна приказна затоа што ние друга опција и татковина немаме. Ова е тоа единственото за кое што се бориме и живееме, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред охриѓани вети 14.835 проекти од различни сфери и области, решенија за реалните проблеми, изградба и реконструкција на две илјади улици низ цела држава, градби и реконструкција на сто градинки, 150 училишта, инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови, инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите, гасификација за понапредни општини…

За кандидатот за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече ток ќе биде одличен градоначалник со јасна визија за развој на градот, човек кој заедно со охриѓани ќе биде моторот на развојот на градот.

Пецаков пред своите сограѓани посочи на обврската да се гради светлата иднина на Охрид, преку реформи за професионална администрација обврзана да одговори на потребите на граѓаните. Тој на охриѓани им вети економски силна општина со подобар животен стандард за сите со сериозни инвестиции и проекти, за буџет креиран од страна на граѓаните согласно нивните конкретни потреби.

Пецаков најави борба за секое ново работно место, нови инвестиции, економски раст и развој на стопанството. Индустриска зона во која локалните компании инвеститори би пронашле интерес да го прошират својот интерес, а со тоа и отворање на нови работни места, инвестирање во руралните средини за се поттикне економскиот и општествениот развој, а запирање на миграцијата на младите луѓе. Најави поддршка на спортот, спортски туризам – модерна база за подготовки во Охрид, нови паркови, пристапни велосипедски патеки, проширување на зелената зона, ревитализација на Студенчишкото Блато, поддршка на културни и верски манифестации, негување на верските обичаи, решавање на проблемот со водоснабдувањето.

– Охрид – безбеден град, град на правдата и борба со корупцијата. Од Охрид ќе започне позитивната промена. Ова е битка на нашата генерација. Заедно да бидеме во оваа пресудна историска трка за Охрид и Македонија. Време е за промени, време е за проекти, време е за победи, порача Пецаков од говорницата.

>
>