Спасовски и Буши на средба кај струшкиот градоначалник Мерко

 Спасовски и Буши на средба кај струшкиот градоначалник Мерко

Отстранување на објектот од стариот затвор и старата полициска станица за проширување на улицата „ЈНА“ била една од темите на денешната средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко.

Општинската прес-служба соопшти дека, покрај министерот Спасовски, во посета на Струга денеска биле и неговиот заменик Назим Буши и министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, на која одржале состанок со началниците на СВР Охрид и ОВР Струга, Сашо Смилески и Дритан Ајро и командирот на Полициската станица Струга, Абдулќерим Камбери.

Меѓу другото, како што е наведено во информацијата, станало збор и за преместување на Полициската станица во Струга во друг објект со подобри услови за вработените, за што градоначалникот Мерко понудил дел од општинската зграда.

– Општината понуди да го издаде приземјето за сите управни служби на МВР: лични карти, патни управи , возачки дозволи…, а министерот Шаќири предложи воведување на проектот „Една точка на услуги“, соопшти Општина Струга.

На средбата, според соопштението, била разгледана и безбедносната состојба во градот, како и заштитата на природното и културното наследство. Било побарано и надминување на проблемот со неиздавање возачки дозволи во Струга.

>
>