
Србија границата со Македонија ја отвора на 1 јуни
Србија целосно ќе ги отвори границите од 1 јуни, но само со четири соседни земји, со Северна Македонија, Албанија, БиХ и Црна Гора. Оваа одлука е донесена затоа што ниту една од овие земји не била жариште на коронавирусот, изјави епидемиологот и член на српскиот владин кризен штаб, д-р Предраг Кон.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Кон за ТВ Пинк ја презентираше потребната документација и процедура за туристите и сите оние кои сакаат да влезат во Србија.
-За овие четири земји исто е како и порано, мора да имаат одобрение од владината комисија, која се добива во српските амбасади и со тоа одобрување мора да имаат и ПЦР тест не постар од 72 часа. Тоа е сегашниот режим кон странците. Српските граѓани кои доаѓаат, исто така, мора да имаат тест, и доколку имаат тест, не мора да поминат 14 дена во самоизолација, а ако немаат, одат во самоизолација, изјави д-р Кон.
Тој нагласи дека на деца помлади од 12 години не им треба тест.