Средба на премиерот Заев со црногорскиот премиер Марковиќ

Средба на премиерот Заев со црногорскиот премиер Марковиќ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска утрото во Подгорица се сретна со премиерот на Република Црна Гора, Душко Марковиќ.

На средбата се потврдени одличните традиционални и пријателски односи помеѓу двете држави, без отворени прашања, коишто одат во нагорна линија.

Заеднички е констатирано дека заокружувањето на членството на Република Северна Македонија во НАТО, дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во регионот. Споделени се искуства за резултатите од НАТО интеграциите, како што се нови инвестиции, повеќе работни места, подобар животен стандард.

Исто така, заеднички е заклучено дека иднината на целиот регион е во Европската унија и дека таа стратешка цел нема алтернатива. Оценето е дека проширувањето на ЕУ е неопходно да продолжи, бидејќи тоа е одржливата опција за мир, стабилност и перспективи на Балканот и на Европа.  

Премиерот Заев изрази благодарност за силната поддршка од Црна Гора за членство на Северна Македонија во НАТО и за исполнувањето на заедничките ЕУ перспективи, согласно Берлинскиот процес, што ја поттикнува соработката помеѓу сите земји од регионот.

„Продолжуваме со реформите и со инклузивните политики, како на политички план, така и на планот на нашиот концепт, Едно општество за сите, што успешно го развиваме. Продолжуваме да даваме аргументи дека нашето место е во ЕУ. ЕУ и НАТО интеграциите за нас немаат алтернатива. Интеграциските процеси веќе даваат резултати во економијата, повисоки плати, пензии, раст на минималната плата за 90 евра, раст на социјална помош за 300 проценти“, рече премиерот Заев.

На средбата беше разговарано и за успешната соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Црна Гора во повеќе области од интерес на граѓаните, меѓу коишто и социјалната заштита. Посочени е како позитивен пример експертската поддршка во развивањето електронски систем за следење еден корисник во социјалната заштита и во управувањето со случај, во делот на семеен социјален работник.