Стотина бубрежно болни пациенти на Струшка дијализа прележале Ковид-19

 Стотина бубрежно болни пациенти на Струшка дијализа прележале Ковид-19

Стотина пациенти на Заводот за нефрологија во Струга со бубрежни заболувања биле заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата, а 16 од нив ја загубиле битката со вирусот.

Во моментот во болницата, како што информира директорот Александар Попоски, хоспитализирани се две лица позитивни на Ковид – 19. Пациентите со коронавируост, појасни, се изолирани во посебна сала со 10 дијализни апарати.

– Имаме посебна изолирана сала за ковид пациенти со 10 дијализни апарати, при што е овозможена дијализа на 20 пациенти во еден ден. Пациентите позитивни на Ковид – 19 се изолирани во посебни соби, но во еден момент имавме и по 15 – 20 хоспитлаизирани, па ги сместувавме по двајца во соба, рече Попоски, нагласувајќи дека сега состојбата е стабилна, но оти не смеат да се опуштат.

Пациентите со бубрежни заболувања, додаде директорот на Специјалната болница за нефрологија, развиваат тешка клиничка слика и повеќето се на кислородна поддршка. Болницата, посочува, располага со опремена лабораторија за дијагностика на Ковид – 19, а голема оптовареност има и на рентгенот.

– Немаме централно поврзување со кислород, но кислород имаме за сите паценти што им е потребно. И во пандемија, болницата е максимално оптоварена. Рентгенот ни е доста оптоварен. Секојдневно доаѓаат голем број пациенти за рендгенографија на бели дробови. Лабораториски ги имаме сите можни анализи за дијагностика на Ковид – 19, покрај брисот кој се прави задолжително. Ниеден пациент што имал потреба за лекување во оваа болница не е вратен, вели Попоски.

Здравствените работници, додаде, имаат зголемен обем на работа, ја вложуваат цела сила и енергија да спасат што е можно повеќе животи, иако голем дел и од нив биле позитивни на вирусот.

x