
Струга Трим Лум го задржа моторот на тимот и за новата сезона
Македонскиот прволигаш Струга Трим Лум потпиша нов договор со еден од своите клучни играчи, искусниот Нијаз Лена и за следната сезона, откако досега донесе три засилувања во тимот.
Лена е мотор на стружани, па неговото задржување беше практично императив за раководството на тимот, откако за следната сезона донесе уште неколку искусни фудбалери, пред сè стоперите Јасмин Мециновиќ и Александар Ристевски, кои доаѓаат после странска авантура, а потпиша тригодишен договор и со Бесир Рамадани.
Струга во изминатата сезона која беше прекината покажа заби во своето деби во Првата лига, успеа да ги победи и Вардар и Шкендинја, а стигна до полуфиналето на Купот, па очигледно амбициите на тимот се и поголеми за следната сезона во која се очекува квалитетот да биде уште поизедначен меѓу екипите во елитното друштво.